Zvonko Beldedovski
Header

Тајните на Исарот

Постхумно дело на Звонко Белдедовски, долгогодишен вработен во Заводот и музеј Штип, кој сиот свој живот меѓу другото, го посвети и на Исарот. 

Тајните на Исарот

Тајните на Исарот

Обраќање на проф д-р Виктор Лилчиќ

ТОЈ УСПЕА ДА ИЗНЕСЕ НА ВИДЕЛИНА ДОПОЛНИТЕЛНИ ЕЛЕМЕНТИ ЗА УБИКАЦИЈАТА НА АСТИБО ГЛАВНИОТ ГРАД НА КРАЛСТВОТО ПАЈОНИЈА НА ИСАРОТ ВО ШТИП

Пријатели драги,

Летнаа четири децении откако младиот археолог се нурна во пребогатиот македонски археолошки трезор.
И имаше тој 29 години тогаш, кога во Macedonia acta archaeologica 3, гордо го издигна својот прв научен труд под Исар, Штип.
Бев тогаш, студент на археологија четврта наставна година. Станав член на Македонското археолошко научно друштво, кога прв пат го видов ликот на добродушниот човек со брковите, на еден од нашите археолошки симпозиуми.
И потоа константно следев, како Тој ги полнеше годините и децениите што следеа со бројни научни студии и референци во најреномираните научни списанија.
Денес изненадувачки констатирав дека судбината на крајот повторно го поврза со неговиот почеток, со Тајните на Исарот.
Најстрог кон самиот себеси, а душа кон, и за сите нас.
ЗВОНКО БЕЛДЕДОВСКИ
Пријатели драги
Тоа беше тој, вистинскиот човек, според суштината за која ние луѓето сме го создале овој збор.
Човекот по име Звонко Белдедовски, кој беше скромен, ненаметлив, тивок и повлечен!
Но, да не се залажуваме.
Извонредно умен, проницлив, силно упорен, настојчив и во професијата, вечно љубопитен!
Ефектен, како на терените, така и во кабинетските услови.
А со какви проблеми тој се, сѐ бореше?!
Да раснеш три деца во скромно станче на четвртиот кат? Помнам како се радуваше кога го купи фиќото на старо. За дијаната не знаев, но ми кажаа неговите ќерки Марија и Зорица, дека два пати му ја краделе и му била враќана, и сепак ја возел до крајот. И кога во 1985. година го замолив да не знае случајно за некакви примери градежна керамика, за мојот магистериум, за три дена ми прати фотографии и опис на подните тули од една гробница што тој стручно ја откри.
Во својата археолошка научно истражувачка мисија, Звонко работеше на голем број научни проблеми поврзани со Штип, Брегалница, и секако Малешевијата, земјата на неговото исконско генетско потекло.
Старото рударство, античките бањи, ранохристијанските базилики и средновековни цркви, најстарите дрвени резби на почвата македонска, бројните рекогносцирања во долините на Брегалница, Тополка и во други региони, проблемите на убикациите на Астибо, Транупара, исцрпувачката работа во античката Баргала, старословенските материјални археолошки наоди, откривањето на Виничките теракотни икони, нумизматиката, древниот накит низ вековите, педесетина статии и студии, од 1977 до 2010 година.
И уште Тајните на Исарот постхумно денес!
Пријатели драги, тоа се моќните и високи стожери што издигајки се кон вишното небо и вечната светлина, ја вознесоа душата на човекот, археологот професионалец, сопругот, таткото и милиот дедо Звонко Белдедовски кон вечното паметење, сведочејќи дека Тој го најде патот низ животот.
А патот негов беше како тој на Исус. Преширок толку, колку неговата душа, па така Звонко загледан во далечната пресветла цел што го водеше, и никогаш не скршна од него, на слепите порти.
Неговото срце, чукаше најдолго во Штип, најголемиот град, во 225 километарската долина на прастарата и света пајонска река Астибо – нашата Брегалница. И логично е што отсекогаш го привлекуваа археолошките проблеми поврзани со Брегалница, а меѓу нив, на пиедесталот беше Исарот Штипски, чии што археолошко стратиграфски и културно цивилизациски проблеми го заинтригираа во раната младост.
Конечно Тој успеа да ги разгатне. Судбината му го врачи раководењето на капиталниот Проект на Владата на Република Македонија, Систематското археолошко истражување на Исар – Штип што тој високо професионално го реализира од 2008-2011 година.
Звонко можеби не успеа да ја публикува студијата за Исарот во монолитна верзија, но, ве убедувам пријатели драги, дека ја навести, ја нацрта платформата за научното спознавање на Исарот преку повеќе трудови. Погледајте ја само неговата библиографска листа, во која се: Исар Штип, средновековна населба 1977; Брегалничкиот басен во римскиот и раниот средновековен период, Зборник 6, Завод музеј Штип 1990; Прилог кон убикацијата на античкиот Астибо 1990; The archaeology and History of Shtip 1992; Проблемот на релацијата и убикацијата на античките Астибо и Транупара 1996; Средновековен Штип низ историските податоци и материјалните остатоци 1998 и т.н.
А со Тајните на Исарот можеме да видиме дека Звонко ги заокружи и надгради сознанијата за прастарата акропола на Астибо, древниот главен град на кралството Пајонија, но и акропола на римскиот Астибо и средновековниот град Стипион – Штип.
Во книгата Тајните на Исарот се собрани основните постулати за овие сознанија. Тука се наоѓа основната граѓа што ја собра Звонко со неговиот стручен тим, во текот на макотрпното посветено четиригодишно истражување, пред се на горниот град – акрополата.
Звонко особено исцрпно и детално ги опишува и дефинира основните архитектонски градежни фази на малата акрополка – доминантното ридесто плато на самиот врв од ридот над составот на реките Отиња и Брегалница. Моќните одбранбени ѕидини, кулите и централниот бастион, трите цркви, цистерните и другите објекти. Но, ја истражуваше и целокупната фортификација на Горниот Град. Како и источното подградие и северозападното подградие (Старата Кланица). Помнам кога многу одамна пред да започне Проектот од 2008 година, при една посета на Штип, не водеше, мене и професорот Иван Микулчиќ, до Чекичан Скалата, во западното подножје на Исарот, да ни го покаже почетокот – излезот на тунелот на Брегалница што излезе на виделина како случајно откритие, поминал булдожерот и го закачил и открил тунелот. Тогаш прв пат видовме како изгледа тој феномен за кого само слушавме преданија на многумина локални жители покрај големиот број стари градови што ги истражувавме ширум Македонија. И секаде беа легендите за пајките и некоја стара баба кои им ги откриле тунелите на напаѓачите.
Во Тајните на Исарот, Звонко не информира за основните хронолошки моменти на горниот град на Астибо и Штип, преку огромен број археолошки детали во кои освен архитектурата голема улога играат и движните археолошки наоди, кои што според неговата информација до сезоната 2010, изнесувале 908 на број. Имајки го предвид огромниот број археолошки информации што ги откри до 2011 година, Звонко ни зборува за основните хронолошки егзистенцијални фази на просторот на Горниот Град – Исарот и на северозападното подградие Старата Кланица, за културните хоризонти од бронзеното време, железното време, раната антика, римскиот период, средниот век и секако доцниот среден век. Ни ги открива основните димензии на градот, со површината од 16.600 м2
Тој зборува за должина од околу 350 метри на утврдениот средновековен град Штип.
За тоа дека средновековниот Штип се воздигнал врз урнатините на античкиот Астибо и византискиот Стипион. За обновувањето на штипската тврдина во времето на Самуиловото царство (976-1014). За нејзиното освојување од страна на Византијците и за повторната изградба во 14. Век во времето на Српската феудална држава.
Можеби не е компактна студија, оваа книга Тајните на Исарот, но е долгоочекувана разрешница на голем дел од прашањата за тоа кои се основните хронолошки елементи, кои биле основните инфраструктурни објекти на Исарот и кои биле главните хронолошки фази на фортификациските елементи, одбранбените ѕидини и кули.
А тоа Звонко супериорно го утврди и интерпретираше, што можете да се уверите читајќи ги неговите мисли и гледајќи ги неговите прекрасни фотографии од истражувањата.
Долги години како го истражувам проблемот на убикацијата на античкиот град Астибо некаде на истоимената река. Денес можам да ви речам дека ги видов и документирав сите позначајни стари градови и тврдини од Градишки Чукар, Пехчево до Топот Уланци.
Тоа било големо и моќно кралство. Пајонија во долините на Брегалница, Струмешница, во Средното Повардарје и Овчеполе. Најголемите градови биле Аударист, Билазора и Астибо. Аударист кај Дреново, Билазора кај Свети Николе а за Астибо, се поделивме ние истражувачите во предлозите. Звонко, Војче, Иван, Трајче и јас сме за Штип.
Точно е дека оваа идеја беше одамна навестена со најголемиот раноантички капител од бел мермер во цела Македонија, откриен на Стар Конак во Штип, како и делови од големи колони во дорски стил, остатоци од некогашните најмалку два храма на раноантичкиот град.
Капители рани коринтски се откриени и во градот на Виничкото Кале и во Билазора кај Кнежје Свети Николе. Но тие можат „вода да му носатˮ на Штипскиот коринтски капител, што денес се наоѓа во дворот на музејот во Штип.
И денес посебно ми е драго што за прв пат, во Тајните на Исарот, Звонко, ни предава продолжителни, квалитетни показатели дека е тоа токму така. Амфора со карактеристична вегетабилна сликана декорација, делови од скифос со сликана декорација мотиви на палмети, дел од кратер, од хидрија, раноантички фибули малоазиски тип.
Следејќи ги мислите на Звонко низ големиот број негови стручни и научни трудови, осознаваме дека неговите љубопитни очи внимателно и детално го „скенирааˮ археолошкото минато на Штип. Од античкиот аквадукт кај Ќемер што водеше од кај Суитлак. Неговите откритија на Стар Конак. И не се сомневам дека тој еден ден ќе ја напишеше големата монографска, детална студија за Астибо – Штип.
Почитувани приатели се радувам во овој свечен миг што можам да констатирам дека токму тој, Звонко Белдедовски е еден од врвните македонски археолошки витези, но токму витезот кој со проникнувањето во Тајните на Исарот успеа да го искорне мечот магичен од карпите на Исарот.
Бидејки ако внимателно ги читаме неговите зборови во оваа книга, ќе видиме дека Звонко ни испрати силна порака. Да продолжиме по неговиот пат се до конечната потврда на неговите научни убедувања.
А тоа ќе го сториме пријатели драги, бидете уверени.
Ќе ја исполниме пораката на мисионерот, човекот професионалец, човекот тврдина, и човекот светител
ЗВОНКО БЕЛДЕДОВСКИ

Штип, 21.03.2016