Археолошки локалитет Исар, Штип

Археолошкиот локалитет Исар односно средновековна населба и утврдениот средновековен град Штип се наоѓа во југозападниот дел на денешниот Штип, на доминантното возвишение Исар, помеѓу реките Брегалница и Отиња, со правец на протегање север-југ, во должина од околу 350 м, а од коритото на Брегалница се издига до околу 150 м. Крстосницата на патиштата што се наоѓа во подножието на Исарот ја зголемува важноста на оваа местоположба.

Таквата природна положба во времето на феудализмот, кога потребата од сигурна заштита и одбрана е неопходна на највисокиот дел од возвишението изграден е средновековен град од типот на Маркови Кули (Прилеп), Самоиловата Тврдина (Охрид), Кале (Скопје), Цареви Кули (Струмица) и др.

Средновековниот град Штип, како и другите средновековни градови се состоел од утврден дел – внатрешен дел (фрурион) и надворешен град – подградие (амборија). Главниот влез во тврдината се наоѓа на источната страна спрема источното подградие, а споредниот влез на северната страна спрема северното подградие. Најутврдениот и најбезбениот дел од тврдината се наоѓал на највисокиот – акрополен дел од возвишението во кој бил сместен и феудалниот дворец.

На локацијата Чекичан Скала во западното подножје на Исарот во нивото на речното корито на Брегалница откриен е средновековен тунел, познат од народните преданија. За ова легендарно предание, за начинот на кој бил освоен средновековен Штип од страна на Османлиите, зборува во своите патописи Евлија Челеблија кој во 17 век го посетил Штип. Според Челеблија за време на владеењето на Султан Мурат I (1360-1389) градот бил опседнат од многубројна турска војска, но опсадата била неуспешна. По многубројните безуспешни обиди за освојување на тврдината, војниците кои логорувале покрај Брегалница од западната страна на градот забележале дека под тврдината од под карпите на речното корито излегуваат шатки а потоа и луѓе од посадата на градот. Заробените бранители на градот ја откриле тајната. Турските војници со влегување преку тунелот на препад ја освоиле тврдината. Тунелот бил користен за тајно снабдување со вода за жителите на тврдината, а истовремено служел и за воени потреби. Бил граден уште во античко време а останал во употреба се до средниот век.

На локација Стара Кланица, северозападно предградие на тврдината Исар на зарамнето плато над речното корито на Брегалница се лоцирани темелни остатоци од средновековна црква од XIV век, црквата Св. Бласие, позната во средновековните записи. Црквата била живописана на што укажуваат бројните фрагменти на фреско малтер пронајдени при истражувањето. На некои од фреско фрагментите регистрирани се кирилични букви. Околу црквата регистрирана е поголема средновековна некропола.